Popis: |
Пушењето на цигари може многу да влијае на фармакокинетичките и фармакодинамичките механизми на лековите. Ензимите, индуцирани од пушењето цигари, може да го зголемат ризикот од рак преку зголемување на метаболичка активација на канцерогени. Се верува дека полицикличните ароматични јаглеводороди, кои се наоѓаат во тутунскиот чад, се одговорни за индуцирање на цитохром P450 изоензимите CYP1A1, CYP1A2 и СYР2Е1. CYP1A2 е хепатален ензим одговорен за метаболизмот на голем број на лекови и активирање на некои канцерогени. Потврдено е постоење на генетски полиморфизми кои влијаат на индуцибилноста на CYP1A1, при што висока индуцибилност е заедничка кај пациенти со рак на бели дробови. СYР2Е1 метаболизира голем број на лекови, но врши активација и на некои канцерогени. Цигарите значително ја зголемуваат активноста на CYP2E1, што може да се одреди преку мерење на клиренс на хлорзоксазон. Во некои студии на животни, никотинот ја поттикнувал активноста на неколку ензими, вклучувајќи ги СYР2Е1, CYP2A1/2A2 и CYP2B1/2B2, во мозокот, но е непознато дали овој ефект е клинички значаен. Некои состојки од цигарите како јаглероден моноксид и кадмиум имаат инхибиторен ефект врз активноста на CYP-ензимите што е забележано во in vitro студии и студии на животни, но оваа инхибиција кај луѓето сеуште не е утврдена. Во оваа наша студија е направен преглед на најзначајните фармакокинетски и фармакодинамски интеракции на лековите кои делуваат на централниот нервен систем со пушењето на цигари. Пушењето цигари го индуцира метаболизмот на некои лекови кои делуваат на централниот нервен систем, и кои можат да имаат клинички последици, а тоа се: клозапин, оланзапин, хлорпромазин, флуфеназин, флувоксамин, амитриптилин, имипрамин, фенитоин, фенобарбитал, карбамазепин, метадон и некои бензодиазепини. Пушењето цигари се поврзува со намалена седација од бензодиазепини, најверојатно како одраз на стимулативните акции на никотинот. Влијанието на пушењето цигарите врз ефектотот од терапијата со лекови кои делуваат на централниот нервен систем треба да се земе во предвид во планирањето и пропишувањето на лекови. Цигарите треба посебно да се изучуваат во клиничките испитувања на нови лекови. |