Popis: |
Површинската стерилизација на растителниот материјал претставува првиот и најзначајниот чекор при изолација на фитопатогените габи. Постапката за стерилизација може да се разликува во зависност од растителниот орган и вирулентноста на фитопатогената габа. Соединението кое ќе се употреби за стерилизација, неговата концентрација и времетраењето на стерилизацијата треба да обезбедат ефикасно сузбивање на растот на сапрофитните и другите епифитни микроорганизми, но истовремено да не предизвика оштетување на организмот кој сакаме да го изолираме во монокултура. Со цел да го испитаме најдобриот начин на стерилизација на лист од црница за изолација на Neophloeospora maculans (Berenger) Videira & Crous (син. Phloeospora mori (Lév.) Sacc. 1884) причинител на антракноза кај црницата употребени се шест различни третмани на лист од црница со симптоми на антракноза. Т1: 0,1% HgCl2 за време од 2 минути; Т2: 1% H2O2 за време од 5 минути; Т3: 70% C2H5OH за време од 1 минута; Т4: 3,5% NaOCl за време од 1 минута; Т5: 2% NaOCl во времетраење од 1 минута проследено со изложеност на 70% C2H5OH во времетраење од 30 секунди; Т6: 2% NaOCl во времетраење од 1 минута проследено со изложеност на 70% C2H5OH во времетраење од 30 секунди и 0,1% HgCl2 во времетраење од 30 секунди. Фрагменти од стерилизираниот материјал се ставени на подлога КДА и инкубирани на температура од 20⁰С. Резултатот покажа дека најефикасен е третманот Т6, каде што е употребена комбинација од три различни средства за стерилизација. Трерманите Т1, Т3 и Т4 се покажаа како најмалку ефикасни. |